ОДРЖАНО СОВЕТУВАЊЕ ЗА ПРОЦЕНКА НА ИНХЕРЕНТНИОТ РИЗИК ОД ПЕРЕЊЕ ПАРИ И ФИНАНСИРАЊЕ ТЕРОРИЗАМ

На 14.12.2017 год. во организација на АЦТ! беше одржано советување наменето за финансиските институции на тема „Проценка на инхерентниот ризик од перење пари и финансирање тероризам“.

Мотивот и целта за организирање на ова советување беше учесниците да се запознаат со инхерентниот ризик, како и со регулаторните и финансиски аспекти на процесот на спречување на перење пари и финансирање на тероризам, како и практични насоки за правилно спроведување на регулативата која се однесува на оваа област. Инхерентниот ризик од перење пари и финансирање на тероризам е поврзан со типот на клиентот и неговата земја на потекло, природата на деловниот однос, типот на производ или услуга и канали на дистрибуција, без притоа да се имаат предвид било какви контролни механизми воспоставени во банката. Овој тип на ризик е функција на заканите на коишто е изложена банката во своите секојдневни активности и нејзината ранливост, односно можноста истата да биде злоупотребена во функција на перење пари и финансирање на тероризам.

Со оглед на тоа што субјектите коишто се занимаваат со перење пари имаат економска цел, а субјектите коишто се инволвирани во финансирање на тероризмот имаат политичка цел, различни се типовите на закани на коишто се изложени банките, а различно е и нивото на нивната ранливост. Од таа причина, воспоставувањето на адекватен систем на внатрешна контрола треба да им овозможи на деловните банки соодветно да го проценат нивото на инхерентен ризик и да преземат соодветни мерки и дејствија за спречување на перење пари и финансирање на тероризам.

Еднодневното советување беше поделено на три дела. Првиот дел во фокусот го имаше дефинирањето значењето и одредувањето на нивото на инхерентниот ризик. Вториот дел од советувањето имаше за цел на учесниците да им презентира проширени знаења за проценката на заканите од перење пари (видови на закани, all crimes approach, list approach и анализа на клиентот и доставувањето на извештаи за сомнителни трансакции). Третиот дел беше посветен на практични насоки за проценка на ранливоста од ризикот од перење пари и финансирање тероризам (системи за внатрешна контрола, поставеност на регулативата и поставеност на банкарската супервизија), а во четвртиот дел беа презентирани заклучни согледувања од советувањето, како и прашања и дискусии.

Советувањето беше наменето за претставници на финансиските институции во Република Македонија (банки, штедилници, итн.), односно за лица вработени во секторите за спречување на перење на пари, лица од секторите за усогласување на работењето на финансиските институции со прописите (compliance), ревизори, правници, адвокати, финансиски и/или правни консултанти, итн.

Предавачи на ова советување беа Искра Ивановска и Гоце Трајковски од Дирекцијата за теренска супервизија, Народна банка на Република Македонија.

Developed By: