СОВЕТУВАЊЕ ЗА ДОЛЖНИЧКО ДОВЕРИТЕЛСКИ ОДНОСИ

На 23.11.2017 год. АЦТ! одржа практично еднодневно советување на тема: „Должничко-доверителски односи: Контроверзи во правната теорија, законодавството и судската пракса во врска со раскинувањето на договорите и нивната полноважност“.

Целта на советувањето беше пред учесниците да се презентира еден аспект од облигационите односи кој предизвикува доста контроверзии во правната практика. Така, учесниците беа запознаени со видувањата на предавачите за зададените теми. Раскинувањето на договорите – дали судот го раскинува договорот (конститутивна одлука) или утврдува дека договорот е раскинат (декларативна одлука), различното уредување на побивањето на должниковите дејствија согласно Законот за облигационите односи и Законот за стечај, особено во делот на роковите и правните последици, како и секогаш загонетната тема – ништовност на договорите, предизвикува доста контроверзии во правораздавањето и во заштитата на правата на доверителите. Оттука, судската пракса поврзана со темите на предавањето е разнообразна, но истовремено ги надополнува правните празнините во законската регулатива. Исто така и кај правните практичари постои различен пристап кон поставувањето на тужбените барања, па оттука произлезе и потребата на советувањето да бидат изнесени аспекти и во однос на заштитата на правата на доверителите, без оглед дали е тоа при раскинување на договорите, побивање на должниковите дејствија или во случај на ништовност на правните дела.

Со оглед дека трите посебни теми од советувањето отвараат повеќе под-теми, советувањето беше поделено во четири дела - во првите три дела предавачите ги изнесоа своите ставови по однос на темите кои ги имаа разработено, додека во четвриот дел, како и за време на целото советување, предавачите одговараа на прашања на учесниците благодарение на што и советувањето протече во исклучително интерактивна атмосфера.

Предавачи на ова советување беа:

проф.д-р Кирил Чавдар, поранешен судија на Врховен суд на Република Македонија, професор на Универзитет „Американ колеџ“ – Скопје, автор на повеќе стручни и научни трудови;

Судија Александар Шопов, претседател на Основен суд Велес со искуство во постапување во предмети од областа на трговски спорови, платни налози помеѓу правни лица, стечај и ликвидацијa и

Адвокат Ѓорге Поп-Кочев, адвокат од Скопје чијшто фокус на работа е генерално во областа на граѓанското право

Благодарение на разноличниот профил на учесници (од јавни претпријатија, приватни компании, општини, банки, извршителски, адвокатски и нотари канцеларии, итн.), како и спојот на предавачите (адвокат и судии) придонесоа во голема мера ова советување да биде исклучително корисно во понатамошната практична работа како на учесниците така и на предавачите, што произлегува како заклучок од евалуацијата на советувањето.

Developed By: