ОДРЖАНО СОВЕТУВАЊЕ ЗА ИСКУСТВА ОД ПРИМЕНАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОПШТА УПРАВНА ПОСТАПКА

На 05.04.2017 год. во организација на АЦТ! беше одржано практично советување на тема: „Актуелни прашања, предизвици и искуства од примената на Законот за општа управна постапка“ во хотел Квинс, Т.Ц. Зебра.

Од средината на 2016 година започна примената на сите одредби од новиот Закон за општа управна постапка (ЗОУП), предизвикувајќи одредени нејаснотии, различни толкувања и погрешна примена во пракса. Целта на ова советување беше да даде јасни инструкции и практични примери учесниците да ги осознаат правилните начини на примена на одредбите од ЗОУП.

Во презентациите и во текот на дискусиите се даде осврт на самиот закон, беше направена компарација на решенијата од новиот и стариот ЗОУП и се посочија искуствата од досегашната примена на новиот ЗОУП. Оттука, стана збор за клучните новини од ЗОУП и спроведувањето на управната постапка пред првостепениот орган, беа дадени насоки за правилна примена на ЗОУП во корелација со Законот вработени во јавниот сектор, Законот за административни службеници, како и прописите со кои се регулира даночната постапка, прекршочната постапка и постапката за остварување на правата од социјална заштита, како области и постапки во кои одредбите од ЗОУП имаат секојдневна примена, а беше даден и посебен осврт на одредбите за електронската форма на комуникација помеѓу учесниците во постапката. Покрај тоа, дел од ова советување беше посветен и на водењето на второстепената жалбена постапка, потенцирајќи ги најчестите грешки при примена на ЗОУП во управните постапки кои ги нотирала Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, претставувајќи го текот на второстепената постапка низ практични примери.

Предавачи на ова советување беа: · Југослав Ѓорѓиeвски, државен советник за правни работи во Министерство за информатичко општество и администрација и координатор на работната група за изготвување на новиот ЗОУП и · Ирена Брзанова, претседател на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен и член на работната група за изготвување на новиот ЗОУП.

Покрај презентациите од стручни и компетентни предавачи, не изостанаа и бројни прашања, одговори и дискусија со цел учесниците да ги надминат дилемите со кои се соочуваат при примена на новиот ЗОУП.

Developed By: