СОВЕТУВАЊЕ ЗА ПРОПИСИТЕ ЗА ВРАБОТЕНИ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР И АДМИНИСТРАТИВНИ СЛУЖБЕНИЦИ

Во организација на друштвото за консултантски услуги АЦТ! на 08.07.2016 год. беше одржано советување на тема „Новини и дилеми при примена на прописите за вработените во јавниот сектор и административните службеници“.

Moтивот за организирање на ова советување произлезе од бројните дилеми кои се јавуваат при примена на регулативата која се однесува на вработените во јавниот сектор и административните службеници, како и новините содржани во регулативата и недостатокот на насоки за нивна правилна примена. Во таа смисла на одржаното советување поканивме компетентни предавачи кои го ставија на располагање своето знаење и искуство, а благодарение на нивното богато професионално искуство во примена на споменатите закони, тие дадоа и појасен осврт на дилемите и насоки за правилна примена на истите.

Предавачи на ова советување беа Билјана Николовска-Жагар, државен советник за правни работи во Агенција за администрација на Република Македонија, која во првата и втората сесија од советувањето даде стручен осврт и одговори на прашањата од учесниците поврзани со правилната и практичната примена на фазите во постапка за вработување и унапредување на административните службеници и промените на актите за внатрешна организација и систематизација на работните места преку спроведување на функционална анализа. Во втората сесија од советувањето свое предавање имаше и Дарко Јаневски, правен советник и консултант за проектен менаџмент во Друштвото за консултантиски услуги АЦТ! ДОО Скопје кој говореше за искуствата и инструкциите за спроведување на функционална анализа како услов за систематизација на повеќе работни места. Третата и четвртата сесија од советувањето беа посветени на примена на новообјавената методологија за планирање на вработувања во јавниот сектор и презентација на формата, содржината и образецот на годишен план за вработување и извештај за реализација на годишниот план за вработување за што говореше Југослав Ѓорѓиевски, државен советник за правни работи во Министерство за информатичко општество, кој одговараше и на многубројните прашања кои ги покренаа учесниците во последната сесија од советувањето.

Интерактивноста која е типичен белег на советувањата и обуките кои ги организира АЦТ! не изостанa, па така и ова советување беше одржано во динамична атмосфера, висок степен на интеракција и корисни дебати помеѓу учесниците и предавачите, ценејќи дека таквиот пристап е најсоодветен за надминување на дилемите кои произлегуваат од регулативата.

Developed By: