ОДРЖАНО СОВЕТУВАЊЕ НА ТЕМА: НАСОКИ ЗА ПРИМЕНА НА НОВИОТ ЗАКОН ЗА ОПШТА УПРАВНА

На 18.05.2016 година во хотел Квинс беше одржано советување за актуелниот Закон за општа управна и насоки за примена на истиот со практичен осврт на управната постапка пред првостепен и второстепен орган, електронското управување и за Законот за општа управна постапка во корелација со Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за административни службеници.

Првиот и вториот дел од советувањето ги водеше Ирена Брзанова, претседател на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен и член на работната група за изготвување на новиот ЗОУП, која со искучително корисни примери даде насоки за правилно водење на управните постапки пред првостепен орган, осврнувајќи се на управната постапка и правната помош, комуникацијата меѓу јавните органи и странките, поведувањето на управна постапка, изведувањето докази по службена должност, формата, структурата и задолжителните елементи на управниот акт, роковите за издавање на управен акт, управен договор, реален акт и услуги од општ интерес. Во вториот дел пак, беше претставено водењето на управна постапка пред второстепен орган, односно стана збор за содржината и формата на жалбите, рокот за изјавување и предавање на жалба, постапување на второстепениот орган по жалба, мериторно одлучување на второстепениот орган, достава на решението по жалба, повторување на постапката, управен приговор, вонредни случаи и укинување и поништување на управни акти.

Третиот дел од советувањето го водеше Југослав Ѓорѓиевски, државен советник за правни работи во Министерството за информатичко општество и администација и член на работната група за изготвување на новиот ЗОУП, кој во подробности ги објасни мааните и предностите на стариот ЗОУП и мотивите и причините за донесување на новиот ЗОУП, односно даде исклучително квалитетен компаративен осврт на новиот vs. стариот ЗОУП и за очекуваните ефекти на новиот ЗОУП во насока на надминување на проблемите во пракса.

Четвртиот дел од советувањето го водеше Дарко Јаневски, правен советник и консултант за е-влада од АЦТ! ДОО Скопје, чијашто презентација во фокусот ја имаше електронската комуникација меѓу државните органи, странките и обратно како клучен и важен предуслов за ефективна и ефикасна примена на новиот ЗОУП. Во рамките на неговата презентација, одделна презентација имаше и Марин Пиперкоски, директор на Дирекцијата за информатичка инфраструктура и телекомуникации во КИБС АД Скопје, посветена на издавањето и користењето на дигиталните сертификати и демонстрација на систем за електронска достава.

На крајот од секој работен дел и тема на советувањето учесниците поставуваа прашања и беа покренати мошне интересни дискусии чиишто поенти и насоки несомнено ќе имаат корисно влијание при правилната примена на новиот ЗОУП.

Developed By: