НАПРЕДОКОТ НА Е-ТРГОВИЈА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Министерството за информатичко општество и администрација го координира спроведувањето на пакетот мерки кои се препорачани од страна на експертите на АЦТ! и кои имаат за цел да се подигне свеста за можностите и придобивките од вршење на трансакции преку интернет и да се олесни работата на онлајн продавниците.

Позначаен развој на е-трговијата во Република Македонија започна пред неколку години. Тоа се должи на следното: воведувањето на правна рамка за е-трговија, драстичното намалување на бројот на лажни трансакции или трансакции со фалсификувани платежни картички извршени од македонски граѓани го зголеми бројот на странски онлајн продавници кои дозволуваат продажба во земјата, локалните банки започнаа да издаваат платежни картички кои овозможуваат онлајн плаќања и да ги опслужуваат домашните онлајн трговци, појавата на домашни интернет трговци кои продаваат стока за широка потрошувачка и нудат попусти, итн.

И покрај ваквиот напредок, некои проблеми останаа, со тоа спречувајќи посериозен развој на е-трговија во Македонија. Повеќето од наградените претприемачи во проектот за слободно отворање 50 веб продавници не ги стартуваа нивните веб продавници или се откажаа уште на самиот почеток. Многу други трговци кои одлучија да отворат веб продавници, независно од овој владин проект, веќе не се активни. Од друга страна, има се повеќе лица кои употребуваат различни интернет канали за да вршат нелегална трговија (на пример, преку нивниот Фејсбук профил), на тој начин претставувајќи нелојална конкуренција на регистрираните интернет трговци. Иако пред неколку години од страна на одредени институции од јавниот сектор беше најавено укинување на дел од административните барања со кои се соочуваат учесниците во е-трговија, тие се уште се во сила. Конечно, неколку години последователно Европската комисија во годишниот извештај за напредокот на Република Македонија дава забелешки дека остануваат пречките во интернет трговијата.

Со цел да се добие целосна слика за моменталната состојба со е-трговијата во земјата, и поконкретно да се идентификуваат пречките кои го оневозможуваат развојот во оваа област, експертите на АЦТ! беа ангажирани да извршат длабинска анализа на состојбите со е-трговија во земјата. Анализата вклучи: разговори со лица кои се директно или индиректно вклучени во е-трговија, анализа на релевантни меѓународни и национални прописи за е-трговија, извештаи и публикации поврзани со е-трговија во Македонија и во целиот свет, како и студии на случаи на домашни интернет продавници. Од анализата произлезе извештај со наоди и препораки, кој беше доставен до Министерството за информатичко општество и администрација.

Министерството изготви Акционен план за спроведување на поголемиот дел од препораките, кој е во фаза на реализација. Меѓу препораките се: да се зголеми вредносниот праг на стоките испратени од странство во мали пратки со писмо или пакет за ослободување од царина и ДДВ; да се воспостави контакт точка за е-трговија во Министерството преку која ќе се обезбедат информации за заинтересираните страни од правен и други аспекти поврзани со е-трговија; да се воспостават индикатори за мерење на нивото на развој на е-трговија во земјата, како што веќе е случај во земјите членки на ЕУ; да се спроведат промотивни кампањи и активности, координирани од Министерството и вклучување на сите заинтересирани страни во е-трговијата во земјата, со што ќе се подигне свеста кај граѓаните како потенцијални онлајн купувачи; да заживее и редовно да се ажурира специјализираната веб локација за е-трговија (http://e-trgovija.gov.mk); да се спроведат мерките за намалување на трошоците за трансакции со платежни картички, односно намалување на меѓубанкарски провизии преку воспоставување национален клиринг на плаќања направени со меѓународни платежни картички.

Developed By: